Четири избирачки места во општина Струмица ќе бидат преместени на други локации, бидејќи не ги исполнуваат условите според здравствените протоколи за изборите закажани на 15 јули, информира Томислав Андреев, претседател на Општинската изборна комисија.
- Од вкупно 83 избирачки места во општина Струмица само четири не ги исполнуваат условите за гласање по протоколите за заштита од Ковид-19. Тие се преместени на други места, а во останатите 79 постојат услови за нормално одвивање на изборниот процес, додава Андреев.
Појасни дека новите локации за четирите избирачки места ќе бидат објавени најдоцна до задутре и граѓаните навреме ќе бидат информирани каде ќе можат да го остварат своето право на глас. Во другите општини од Струмичкиот регион избирачките места остануваат непроменети.
Во Василево, Босилово и Ново Село се гласа на 57 места и сите ги исполнуваат условите за гласање според здравствените протоколи.