Фолк фест Валандово тридеценискиот јубилеј ќе го дочека во ново руво. Летната фестивалска сцена на која се родија голем број од македонските антологиски фолк бисери и од која голем број македонски фолк имиња го започнаа патот кон славата ќе добие комплетно нов лик. По повод јубилејот од триесет години постоење на првиот и најреномиран фестивал на македонската новосоздадена песна Фолк фест Валандово салата во која се одржува фестивалот целосно ќе се реконструира.
Идејното решение веќе е подготвено, а кон почетокот на летото ќе започне и реализацијата на проектот. Градоначалникот на општина Валандово Николче Чурлиновски вели дека со новиот проект е предвидено сегашната сцена која е полулетна да биде целосно затворена.
,, Новата фестивалска сцена ќе биде затворена комплетно, таванскиот дел ќе биде комплетно реконструиран, подиумот каде што настапуваат пејачите и воопшто музиката ќе биде реновиран. Тоа ќе биде основна база не само за одржување на Фолк фест Валандово, туку и за многуте други манифестации кои тука се одржуваат бидејќи Валандово е град на културата.,, вели Николче Чурлиновски – градоначалник на општина Валандово
Целиот проект ќе чини околу 20 милиони денари од кои најголемиот дел односно 15 милиони ги обезбедува министерството за култура, а останиот дел локалната самоуправа.
Реконструкцијата на салата треба да заврши до септември за кога е закажано и одржувањето на триесетото јубилејно издание на првиот и најреномиран фестивал на македонската новосоздадена песна. Реконструкцијата на салата е и причината поради која фестивалот само оваа година наместо во вообичаениот термин, крајот на месец мај ќе се одржи во септември.
Во меѓувреме општина Валандово го продолжи и конкурсот со кој се бараат нови песни кои треба да бидат изведени за време на јубилејното издание на фестивалот . Од оваа година повторно се враќа и стариот концепт на фестивалот со две полуфинални и една финална вечер. Новина има и во делот на наградите . Првата награда ќе биде 20 000 евра, втората 15 000 ,а третата награда е 10 000 евра.