Во Гевгелија, во Ликовниот салон на хотелот Аполонија,беше отворена изложба на документи на Државниот архив на РМ, насловена како "Вардарскиот регион низ документите на ДАРМ". На изложбата што ја организираат одделението на ДАРМ од Велес и општина Гевгелија се изложени документи и фотографии, од периодот на Отоманската империја , па се до периодот од НОВ. Меѓу изложените 46 фотографии и 192 документи се наоѓаат и документи од Гевгелија и околните населени места.
На отворањето на изложбата, најнапред се обрати градоначалникот на општина Гевгелија Иван Франгов, кој се заблагодари на Државниот архив на Република Македонија што им овозможува на гевгеличани да погледнат некои документи кои зборуваат за минатото на Гевгелија. Потоа присутните ги поздрави директорот на Државниот архив на РМ Зоран Тодоровски. Тој нагласи дека презентираната архивска документација и фотографии во изложбата го отсликува општествено-политичкиот живот на овие простори од времето на Отоманската Империја, на српската и на бугарската власт и периодот од 1944 година се до 1991 година. Раководителот на одделението на Државниот архив од Македонија, одделение во Велес Слободан Ников, кој воедно е и автор на изложбата, ја прогласи истата за отворена, велејќи дека му е посебно драго што и во Гевгелија ќе може да се погледнат вака значајни документи и фотографии од историјата на Македонија и посака што повеќе млади да дојдат и да присуствуваат на еден ваков своевиден час по историја.