Во организација на Општинската Народна Библиотека “Браќа Миладиновци” од Радовиш, во нејзините простории се одржува изложба на плакати под мотото “Татковинска војна 1812”. На оваа изложба е претставена “Бородинската битка” од 1812 година и ќе трае околу две недели.
Според директорот на ОНБ “Браќа Миладиновци” од Радовиш, Станој Петров, кој е воедно и организатор, изложбата ја организира како мал знак на благодарност до рускиот народ и нивните претставници од дипломатскиот и приватниот сектор во Македонија, за нивната ангажираност и активност, како и за нивните донации во библиотеката, во кој меѓу позначајните спаѓаат опремувањето на мини читална и поправањето на други мали технички недостатоци во истата од страна на рудникот Бучим, обезбедениот литературен фонд на книги од страна на рускиот конзулат, како и санирањето на просторот и градењето на специјална рампа која овозможи полесен пристап за лицата со посебни потреби.
На свеченото отварање присуствуваа претставници од јавниот и приватниот сектор од општина Радовиш, како и претставници од невладините организации и многу граѓани. Почесен гостин на настанот беше конзулот на амбасадата на Руската Федерација во Република Македонија, Олег Дунаевски.Изложбата беше отворена од членовите на руското културно-уметничко друштво “Славјанка”, кои со својот настап ги воодушевија присутните гости.