Никола Маџиров, во Академија на уметностите во Берлин, ќе го отвори најзначајниот германски и еден од најголемите европски поетски фестивали „Поесиефестивал Берлин“ кој почнува во петок, 1 јуни и трае до 9 јуни. Маџиров е првиот македонски поет и еден од најмладите автори во долгогодишната историја на овој фестивал кој ќе настапи на отворањето, наречено „Велткланг - Ноќ на поезијата“. Досега на отворањето читале Лори Андерсон, нобеловците Херта Милер и Дерек Волкот, како и Мајкл Ондатје, Лоренс Ферлингети, Ив Бонфоа, Исмаил Кадаре, Томаж Шаламун и др. Маџиров ќе чита десетина песни на македонски јазик, а преводите на германски јазик ќе бидат објавени во Антологијата во која ќе бидат застапени песните на сите автори што ќе читаат таа ноќ. Илјадниците посетители заедно со купениот билет како подарок ќе ја добијат и Антологијата. По Никола Маџиров, ќе настапат и Американецот Мајкл Палмер, како и поети од Тунис, Јапонија, Кина, Германија, Гренланд и Канада. На 5 јуни, во рамките на истиот фестивал, ќе се одржи и настан наречен „Секој ден светот“ посветен на Никола Маџиров и неговата поезија. На 2 јуни, Никола Маџиров продолжува со својата турнеја во Германија, односно со читањето на меѓународниот поетски фестивал „Poetry on the Road“ кој по 13-ти пат се одржува во Бремен. Заедно со Маџиров ќе читаат неколкукратниот кандидат за Нобелова награда за литература Сејс Нотебом од Холандија, како и автори од Зимбабве, Израел, Кина, Норвешка, Финска, Кина, Италија и др.