Успешно заврши големиот хуманитарен концерт во Старо Коњарево кој беше реализиран на иницијатива на поранешни музичари од општина Ново Село кои подолго време се наоѓаат на привремена работа во странство . Во преполната сала на домот на културата во Старо Коњарево настапија повеќе познати музички имиња од регионот, но и гости од соседните Бугарија и Србија.
Присутната публика имаше можност да ужива во богатиот репертоар составен како од традиционалните македонски старградски бисери, така и во големиот број стари но и нови светски хитови кои беа отсвирени комплетно во живо. Одличната свирка и внимателно избраниот репертоар беа доволна причина наместо планираните час и половина забавата да продолжи уште толку и на крајот да заврши својствено за нашиот народ со традиционално македонско оро.
Меѓу присутните во публиката беше и градоначалникот на општина Ново Село Петар Спасов кој ја поздрави иницијативата и изрази надеж дека истата ќе прерасне во традиција.
Средствата кои беа собрани од донациите на иселениците, но и од влезниците ќе бидат донирани за изградба на системот за парно греење во училиштето во Старо Коњарево како и за социјално зарозените семејства од истото населено место.