AMD Strela

 

Светски поетски олимписки собир

Светски поетски олимписки собир
Објавено на: 08 May 2012

    Британскиот „Гардијан“ (Guardian) го објави списокот со поетите кои ќе учествуваат на најголемиот светски поетски настан во историјата -  „Поетскиот Парнас“ (Poetry Parnassus), како дел од Олимписките игри во Лондон. Одборот на фестивалот доби над 6.000 предлози за потенцијални поети-учесници од светски антологичари, критичари и независни меѓународни фондации и институции и одбра 204 поети - по еден од секоја земја која ќе се натпреварува на Олимписките игри. Меѓународниот борд одлучи Никола Маџиров да ја претставува Македонија и македонската книжевност и јазик. Досега своето присуство на олимпискиот „Поетски Парнас“, што ќе се одржи од 26 јуни до 1 јули, го потврдиле околу 150 поети од Авганистан, преку Бурунди, сè до Нов Зеланд и Јамајка. Меѓу селектираните учесници се и нобеловците, Ирецот Шејмас Хини и Нигериецот Воле Сојинка. Намладиот учесник е од Казахстан и има 24 години, а најстара е осумдесетгодишната поетеса од Луксембург, Анис Колц. Меѓу учесниците има и поети со спротивставени политички ставови и идеологии.

    Никола Маџиров ќе настапи под уставното име на Република Македонија. Организаторите од „Саутбанк Центарот“ изјавуваат дека со овој светски собир се пишува нова поетска историја. Отворањето е закажано за 26 јуни во големата хала на „Квин Елизабет Хол“ (Queen Elizabeth Hall) на која ќе присуствуваат сите поканети автори. За време на одржувањето на олимпискиот поетски собир, Лондон со хеликоптери ќе биде бомбардиран со стихови од учесниците испишани врз сто илјади обележувачи на страници тешки околу половина тон, а ќе се случуваат над 100 поетски настани, работилници и симпозиуми низ целиот град. Песната на Никола Маџиров „Сенките нè одминуваат“ е избрана за објавување во светската антологија на современата поезија под наслов „Светски рекорд“ (The World Record), која ќе ја објави една од најзначајните британски издавачки куќи „Бладекс“ (Bloodaxе), а ќе се случат и промоции на други клучни британски книжевни списанија во кои е застапена поезијата на Маџиров. Сите автори ќе бидат претставени преку своите биографии, стихови и интервју направено посебно за овој настан. Се очекуваат стотици илјади посетители од целиот свет.

Media Flesh

 

ВИДЕО

FACEBOOK