Вечерва во селото Мокриево започнуваат ,, Странчинарските игри,,. Традиционално, почетокот на игрите ќе биде означен со палењето на големите маалски огнови кои го симболизираат новото сонце што треба да изгрее и да ги осветлува луѓето во новата година. На местото каде што ќе бидат запалени огновите доаѓаат и странчинарите. Тие со тропањето на нивните ѕвонци и страшните маски треба да ги истераат лошите сили, а веќе утре уште рано наутро, најнапред тргнуваат во меѓусебна борба со таканаречените кал’чки за поделба на селото по што започнуваат со просење по куќите.
Древниот обичај налагал да ја посетат секоја куќа, а собраните подароци и храна ќе ги поделат на сиромашните. Во денешно време сета храна што странчинарите ја собираат низ селото на крај се собира на едно место и од неа се подготвува голема гозба за сите учесници и присутни гости. Обичајот на странчинарите во Мокриево влече корени уште многу оддамна и се пренесува од генерација на генерација. Во последните неколку години благодарение на заложбите на месната заеница обичајот добива и една организирана, карневалска форма
И оваа година исто како и во изминатите години за утре пред платото на домот на културата во селото е планирано карневалско дефиле во кое покрај групите од струмичкиот регион ќе учествуваат и гости од другите делови од Македонија, а најавени се и неколку маскирани групи од соседна Бугарија. Игрите и оваа година се одржуваат под покровителство на градоначалникот Петар Спасов и општина Ново Село.