Околу 150 килограми качамак и исто толку домашни колбаси се изедоа на странчинарските игри во Мокриево. Манифестацијата која влече корени многу оддамна и оваа година привлече голем број посетители како од струмичкиот регион, така и од другите делови на државата.
Согласно традицијата игрите започнаа со меѓусебната борба на странчинарите за поделба на селото за просење, а потоа тргнаа по куќите на просење. Древниот обичај налагал да ја посетат секоја куќа, а собраните подароци и храна ќе ги поделат на сиромашните. Во денешно време сета храна што странчинарите ја собираат низ селото на крај се собира на едно место и од неа се подготвува голема гозба за сите учесници и присутни гости.
Мисијата на странчинарите е за време на некрстените денови да ги истераат сите лоши сили и зли духови и да се обезбеди бериќет и среќа во годината што доаѓа.
Странчинарските игри последните неколку години благодарение на заложбите на месната заеница добиваат една организирана, карневалска форма. И оваа година исто како и во изминатите , пред платото на домот на културата во селото во карневалското дефиле покрај групите од струмичкиот регион со свои маски се претставија и гости од другите делови од Македонија, како и неколку маскирани групи од соседна Бугарија.
Игрите и оваа година се одржаа под покровителство на градоначалникот Петар Спасов и општина Ново Село.