Александар Љафтов, македонскиот одбојкарски репрезентативец и член на кипарскиот Aнајенисис од Дериња, оваа сезона настапува со голем успех во истоимениот тим и како што ни истакна Љафтов во нашето интервју, амбициите се освојување на шампионската и Куп титулата. Како за потсетување тој мината успешно настапуваше за српскиот тим Рибница од Краљево, заедно со неговиот колега и братучед Ристо Николов, кој сега настапува за романската Стеауа од Букурешт.
Југоинфо: Александар, дали си задоволен од условите кои што ги нуди Анајенисис и какви се вашите резултатите во тековната сезона ?
- Како член на екипата Aнајенисис од Дериња, може да се каже дека сум прилично задоволен од условите кои ми ги нуди клубот, но исто така сум задоволен и од аспект на тоа како сум прифатен од соиграчите и од новата средина. Покрај мене има уште двајца странци и мора да потенцирам дека со нив имам прекрасна дружба, но имам фер и коректен однос и со сите останати во клубот.Во врска со нашите резултати, на полусезоната завршивме како вице шампиони и тоа се должи пред се на нашите добри игри и добро одработениот прв дел, но во вториот дел од сезоната стартувавме со 2 порази и паднавме на четвртото место. Сепак, сеуште не е ништо изгубено, има уште многу да се игра до крајот и на нас останува да се избориме да ги оствариме нашите зацртани цели пред стартот на оваа сезона, а тоа е да завршиме меѓу првите 3 или да го освоиме купот, при што директно следната година би настапувале во некои од европските куп натпреварувања.
Југоинфо: Бидејќи минатата сезона настапуваше за српскиот тим Рибница од Краљево, може ли да направиш споредба меѓу квалитетот на српското и кипарското првенство ?
- Па видете, за разлика од Србија овде се работи посеризоно, има подобри услови, се вложува многу во одбојката, се превзема поголема одговорност и на тој начин се добива на искуство, а притоа сите се насочени кон посериозни и повисоки цели. Играњето во Србија е само отскочна даска за млади и перспективни играчи како е што е случај со мене и со мојот добар другар, колега и братучед Ристо Николов, со кого настапував заедно во Краљево и имавме добри резултати.
Југоинфо: Знаеме дека одбојката не е на задоволително ниво кај нас во Македонија. Дали во следните неколку години има шанси нашата одбојка да биде на тоа ниво како што е во Кипар ?
- Во однос на Македонија разликата е огромна, како во Србија, така и овде. Секако дома си е дома, но условите, размислувањата, залагањата и континуираното вложување е на сосема различно ниво и дефинитивно овде одбојката е во голема експанзија и после фудбалот е втор најпопуларен спорт . Се работи многу повеќе отколку кај нас и се посветува многу труд и внимание на младите категории, што е основа за да се создаде една квалитетна репрезентација. Како индивидуа, јас не можам ништо да променам и можам само да го споделам моето размислување околу тоа, но затоа постојат лица кои се поставени на различни функиии и кои треба да работат за развивање и кревање на одбојката на едно повисоко скалило во Македонија.
Југоинфо: Кои се твоите планови и размислување во иднина на клупски и на репрезентативен план?
- Околу плановите за иднина, секако, сон на секој спортист е да настапува за поголем клуб и да постигнува големи успеси во континуитет, но додека не завршам со обврските со Aнајенисис, не можам да планирам за понатаму. Што се однесува околу репрезентативните обврски, ова лето имаме европски квалификации за Светско првенство, при што е можно да бидеме организатори на еден трунир, но исто така ќе се подготвуваме и за Медитерански игри кои од 20-30 јуни оваа година ќе се одржат во Турција.
Југоинфо: И за крај, каков е животот на Кипар ?
- Животот овде во Кипар навистина ми годи, а тоа се должи пред се на топлата клима и менталитетот кои што го носат луѓето со себе, при што сите се позитивни и полни со енергија, не се занимаваат со оние малограѓански работи, за разлика од кај нас. Секако, како млад човек и овде настојувам да се забавувам, но секогаш тоа го правам во границите и онолку колку што времето ми дозволува.