Никола Маџиров е избран за куратор и селектор на еден од најзначајните светски поетски фестивали „Поезифестивал Берлин“ кој се одржува од 7-ми до 15-ти јуни во Берлин. Она што е Берлинскиот филмски фестивал за Германија и Европа во областа на филмот, тоа е „Поезифестивал Берлин“ за поезијата. Овој фестивал веќе 12 години ги привлекува најголемите светски автори како Лори Андерсон, Лоренс Ферлингети, Ив Бонфоа, Били Колинс или нобеловците Херта Милер и Дерек Волкот. Никола Маџиров е автор на проектот со работен наслов „Home(r) For Exile" или „Дом за егзил“ на кој ќе учествуваат десет врвни светски поетски имиња. Освен идејниот концепт, Маџиров ќе модерира пет вечери во рамките на фестивалот, во вид на поетски читања и разговори со по двајца различни автори секоја вечер. Гости на Маџиров ќе бидат неколкукратниот кандидат за Нобелова награда Адам Загајевски, венцоносецот Томаж Шаламун, најекспонираниот поет од источна Германија Дурс Гринбајн, а своето учество го потврдија и автори од бившиот Советски Сојуз, Египет, Сирија, Јужна Африка, Јамајка. Вечерите се одржуваат во Германската академија на уметностите во Берлин, а фестивалот е посетен од над илјада гости секоја година.