Заврши Регионалната конференција на тема „Јавните библиотеки поттикнуваат иновации во заедницата“ која се одржа во Радовиш. На конференцијата освен библиотекари учествуваа Раководителот на ЕИФЛ ПЛИП програмата Рамуне Петуховаите, претставници од Министерството за култура и локалните власти со цел започнување на дијалог за новите улоги на јавните библиотеки и развој на услуги, кои придонесуваат за економски, социјални и образовни приоритети во земјата, како дел од една поширока иницијатива за поврзување.
На конференцијата беше организирана панел дискусија за проблемите со кои се соочуваат библиотеките во Македонија, која беше поттикната по претставувањето на мисијата и визијата на ЕИФЛ- Програма за иновации за јавни библиотеки, која има за цел да поттикне воведување на нови услуги во работата на библиотеките од земјите во развој. Преку оваа програма со грантови беа наградени неколку библиотеки од регионот кои постигнаа големи успеси со воведувањето на ИТ технологиите во своето работење и нови иновативни услуги за социјално исклучените групи. Директорката на Библиотеката Радислав Никчевиќ од Србија, Весна Црнковиќ зборуваше за услугите кои библиотеката ги воведе за земјоделците. Овој проект беше реплициран од Националната и универзитетска библиотека „Гоце Делчев“ од Штип за чии резултати постигнати преку Инфобусот зборуваше м-р Вилма Јованова. За услугите за млади кои во својата работа ги воведе Јавната библиотека Завидовиќи (Босна и Херцеговина) зборуваше г-ѓа Амела Хоџиќ, координатор на проектот. Општинската народна библиотека „Браќа Миладиновци“ преку воведувањето на нови услуги за невработените лица и поттикнувањето на доживотното учење постигна големи успеси на локален, национален но и меѓународен план за чии успеси зборува и престижната награда „Социјална интеграција 2011 година“ во Прага која беше доделена од страна на ЕРСТЕ фондацијата. Библиотеката и по завршувањето на проектот продолжува со развивање на нови услуги и за други социјално исклучени групи потенцира м-р Иванка Соколова координатор на проектот.
Дискусијата поттикната од добрите практики ја започна градоначалникот на општина Радовиш д-р Роберт Велков, кој зборуваше за напорите и финансиската поддршка на општина Радовиш за ревитализација и модернизација на библиотеката „Браќа Миладиновци“ што обезбеди развој на нови услуги во работата на библиотеката со цел да се подобри животот на граѓаните и воспоставување на линк за демократски дијалог меѓу граѓаните и локалните власти. Во дискусијата се вклучи и Заменик раководителот на Секторот за заштита на културно наследство при Министерството за култура на Република Македонија Бошко Ангеловски, кој зборуваше за Стратешките планови на Министерството за култура во насока на развој на библиотечната дејност. Поттикнати од примерите на добри услуги во дискусијата се вклучија директорот на Националната и универзитетски библиотека „Св. Климент Охридски“ Миле Бошески кој ја потенцира важноста од воведување на механизми за финансирање на библиотеките.
Присутните развија дискусија за проблемите со кои се соочува македонското библиотекарство, за начинот на финансирање и можностите за развој на нови услуги преку поттикнување на властите за поголеми вложувања во библиотечната дејност и можноста за искористување на фондовите на ЕУ и други донатори.
На вториот ден од конференцијата околу триесетина излагачи од Македонија и регионот зборуваа за новите услуги кои се воведени во работата на библиотеките и можноста од воедување на нови услуги. Во одлична атмосфера конференцијата поттикна конструктивен разговор и размена на искуства и воспоставување на соработка и размена на знаења помеѓу библиотекарите.