„Никола Маџиров e блескава комета на современата светска лирика“ - со овие зборови беше најавен Маџиров на отворањето на најзначајниот германски и еден од најголемите европски поетски фестивали „Поесиефестивал Берлин“. Никола Маџиров, пред преполната сала од над илјада луѓе во Академијата на уметностите во Берлин, го отвори фестивалот со петнаесетминутно читање на своите песни на македонски јазик, а аплаузот долго време не запираше. Публиката доби по еден примерок од Антологијата во кои беа застапени германските преводи на деветте автори од сите страни на светот кои читаа таа вечер и во затемнетата сала со фенер, исто така добиен со билетот, ги читаше преводите од Антологијата. Директорот на фестивалот, Томас Волфарт, како мото на фестивалот избра стихови од Никола Маџиров („мојот збор е вреден / како стар семеен часовник што не го мери времето“) и со нив го започна предговорот на Антологијата. Во рамките на фестивалот, во вторникот беше претставено творештвото на Никола Маџиров преку разговор со германскиот поет Александер Гумц, а реакции на одобрување се појавија во повеќе германски медиуми.