Во општина Струмица се интензивираат подготовките за најголемата забава под маски, традиционалниот струмички карневал 2013. Седумдневните карневалски празнувања ќе почнат на 14 март со концертот под маски на учениците од музичкото училиште „Боро Џони“, а на наредниот ден ќе се одржи традиционалниот маскенбал на кој ќе бидат избрани принцот и принцезата кои ќе ја предводат карневалската поворка на главната карневалска вечер која ќе се одржи на 16 март.
Според Александар Цицимов, претседател на организациониот одбор на струмичкиот карневал, годинава има огромен интерес на странски групи за учество на карневало. Досега своето учество го потврдиле 26 групи од Албанија, Бугарија, Србија, Хрватска, Словенија и за прв пат од Полска, или вкупно 650 маскирани луѓе од странство ќе учествуваат во главната карневалска поворка со уште 2.500 учесници од Струмица и Македонија.
И годинава, како и во изминатите години, постои голем интерес кај домашните и странските гости за следење на најголемата забава под маски во Македонија и веќе сите хотелски капацитети во Струмичко се целосно резервирани.
За прв пат годинава, членовите на жири комисијата јавно ќе гласаат и ќе ги избираат најдобрите маски кои традиционално добиваат парични награди.