Никола Маџиров потпиша договор со една од најголемите издавачки куќи во Шпанија „Пре-Текстос“ со седишта во Мадрид, Буенос Аирес и Валенсија за издавање книга избор поезија, „Изреченото нè прогонува“. Книгата ќе биде објавена двојазично – на шпански и македонски јазик, во поетската едиција во која се објавени Волт Витман, Ник Кејв, Вилијам Блејк, Маларме, Бодлер, Пушкин, Песоа, Ингеборг Бахман, Готфрид Бен, Тракл, Киплинг, како и пет поети венцоносци на Струшките вечери на поезијата: Алберти, Ив Бонфоа, Вилијам Мервин, Хју Одн и годинашниот добитник Пачеко. Маџиров е прв балкански автор објавен во таа едиција. Поезија од Никола Маџиров на шпански јазик веќе се објави во неколку списанија во Шпанија, како и во Аргентина, Мексико, Колумбија, Чиле, Перу, Никарагва и други латино-американски земји. „Пре-Текстос“ е познат како издавач на шпански јазик на Марсел Пруст, Шекспир, Витгенштајн, Бодријар, Валтер Бенјамин, Жижек, Луис Буњуел, Анри Мишо, Слотердајк, Пол Остер, Набоков, Толстој, Гатари, Хандке, Фуко и други автори.
Преводот на поезијата го направија Марија Петровска и Јоланда Кастањо. Шпанскиот критичар Хосеп Родригез поезијата на Никола Маџиров ја споредува со убедливоста на филмскиот говор на „Граѓанинот Кејн“, нагласувајќи дека стиховите се така интензивни и блескави поради отуството на извештаченост. Поврзувајќи ја поезијата со онаа на авторите како Чеслав Милош, Херберт, Станеску или Загајевски, тој ќе напише: „Стиховите на Маџиров имаат чудна и силна автентичност. Тие се универзуми на тивка музика. Се чини дека ја научиле немата тајна која се наоѓа во камењата, во премолчаната виталност која пребива во две срцебиења... Големите автори секогаш имаат кука, за нас кои чекориме зад нив.“ Никола Маџиров ќе замине на промотивни читања оваа пролет во десетина градови во Шпанија – од Мадрид, преку Барселона и Билбао, до Гранада, Ла Коруња и други места.