Со промоцијата на книгата „Режисерски белешки“ од Боро Драшковиќ во едицијата „Словенски Орфеј“ на Тивериополската филмска алијанса всушност симболично се најавуваат активностите за претстојното деветто издание на интернационалниот филмски фестивал Астерфест кое ќе се одржи под мотото „Зад деветтото платно“. Воедно се започнува традиција за ретроспективно навраќање кон творештвото на сите досегашни 12 почесни лауреати на Астерфест (Бранко Гапо, Карољ Вичек, Лордан Зафрановиќ, Рангел В'лчанов, Мигел Ермосо, Жарко Радиќ, Боро Драшковиќ, Лаила Пакалнина, Салаетин Билал, Тимоти Бајфорд, Славко Штимац и Владимир Блажевски). За таа пригода ќе биде прикажан и краткиот филм „Парадокс за шахот“ во кој учествуваат Марсел Дишан и Џон Кејџ.
Во извонредниот предговор од публикацијата, режисерот Бранко Ставрев го нарекува Драшковиќ како автор со уникатна „емоција која мисли“.
Боро Драшковиќ (29.05.1935) е ингениозен режисер и педагог од светски формат. Роден e во Сараево, a живее во Белград. Тој при својата трета посета на Струмица, меѓу другото, инспиративно и поетично зборуваше за трите македонски езера кои како земјени очи ја чуваат тајната за феноменот на режијата чијашто етногенеза ги зафаќа „југоисточните“ краишта. Книгата „Режисерски белешки“ е составена од антологиски есеи во кои режијата се прикажува како една од најкомплексните и највозбудливите професионални определби на современиот човек. Во неа го препознаваме режисеровото доживување на светот, допирајќи ги речиси сите клучни теми на човештвото. Низ неа е вткаено огромно теориско-практично искуство, од неверојатно надарен автор, напишана со стил што стана парадигматичен во модерната уметност на балканскиот дел од нова Европа.
На промоцијата лично присуствуваше Боро Драшковиќ. За книгата зборуваа Јордан Плевнеш, а фрагменти читаше Ѓорги Калајџиев.
Промоцијата се одржa вечерва во малата сала на НУЦК „Антон Панов“.