Аларм е формиран како акустик поп-рок бенд пред околу 2 години, а Димитар Арапов и Александра Јанева беа првите кои ја започнаа неговата приказна. За краток временски период станаа миленици на струмичката публика, а со настапот на минатогодишниот велигденски хуманитарен концерт во Струмица, позитивните критики за бендот, а особено за младата Александра Јанева, беа вистинска атракција по македонските портали. Аларм имаше потреба од уште еден гитарист ( Живко Барбутов), кој се вклучи во бендот веднаш после концертот, како и басист ( Антонио Ристески ) и тапанар (Љубе Русев). Како резултат на огромната желба и инспирација, малку подоцна се појави и официјалниот прв сингл на Аларм , „ Не ме допирај“.
Музиката и текстот на „Не ме допирај“ се дело на Димитар Арапов, а аранжманот е на Валентино Скендеровски. Спотот пак, го изработи приватниот универзитет ЕСРА, а како главни глумци во него се појавуваат Александра и Живко. Громогласните аплаузи на струмичката публика за Аларм беа присутни и на овогодинешниот Велигденски концерт, на кој настапија уште два други струмички бенда, како и познатите Нокаут.
Првенчето е веќе пуштено во етер, а членовите на Аларм се големи ентузијасти и најавуваат уште многу изненадувања. Александра Јанева ќе ја гледаме и во Сите наши песни, шоу за македонската забавна мелодија, кое започнува наскоро на МРТ.