В сабота вечер, со почеток во 19,30 час. во големата сала на Домот на АРМ во Струмица ќе биде отворен деветтиот интернационален филмски фестивал „Астерфест“ кој оваа година ќе се одржува под мотото „Зад деветтото платно“ од 1 до 5 јуни.На самото свечено отворање, ќе биде доделено Признанието Астер за високи достигнувања во авторскиот филм на словенечкиот режисер родум од Скопје Карпо Година, а почесното признание за вонсериски достигнувања во полето на краткиот филм ќе го прими германскиот синеаст и прв човек на Оберхаузенскиот фестивал Ларс Хенрик Гас.
Веднаш потоа ќе бидат прикажани словачкиот анимиран филм „Ничија земја“ во режија на Мартина Фрајштакова, белгиско-францускиот краток игран „Умирање на сенката“ на Том Ван Авермает и германскиот документарец „Утре ќе живееме пак“ на Корина Гизен.По кратката пауза, публиката од 22 часот ќе има можност да присуствува на проекцијата на филмскиот блок Мувиленд составен од осум современи кратки филмови од Словачка: „Упатство за употреба“ на Јана Минарикова, „Пат“ на Максим Мелник, „Ѕвона“ на Алица Гуринова, „Франкенханд“ на Андреј Грегорчок, „Љубов на прв поглед “ на Вероника Коцуркова, „Под маска“ на Ерик Ержин, „Тишина“ на Славомир Зребни и „Близнаци“ на Петер Будински
В недела во 18 часот официјалната фестивалска програма продолжува со Панелот насловен како „Перспективите на кусометражниот филм“, а во вечерниот термин од 20 часот ќе бидат прикажани шест документарни филмови во компетиција: „Сомнежи и тајни“ на Желимир Гвардиол, „Нашите во Стамбол“ на Елизабета Конеска, „Сарината ноќ“ на Ане Клајсен, „Патот на Чана“ на Хуан Феликс Фернандес, „Ќе те однесам на море“ на Манца Филак и „Кралството“ на Бартош Крухлик. Од 22,30 часот публиката ќе има прилика да види шест ексклузивни кратки филмови од Оберхаузенскиот фестивал: „Снежни снимки“, „Замена“, „Мелоди“, „Шепотот на елените“, „Не сум мртов, само спијам“ и „Кафе регулар, Каиро“.
Главното жири кое ќе одлучува за наградите оваа година е составено од: Јулија Канчева - режисер и професор од Бугарија, Лефтерос Филактос - режисер и продуцент од Грција и Томислав Алексов - режисер од Македонија.Филмската манифестација „Астерфест“ е под покровителство на Собранието на Општина Струмицаи Министерството за култура.