Под мотото ,, Зад деветото платно,, во присуство на голем број гости и вљубеници во филмот вечерва во Струмица беше означен стартот на деветото издание на интернационалниот филмски фестивал ,, Астерфест,, .На самото свечено отворање беше доделено признанието Астер за високи достигнувања во авторскиот филм на словенечкиот режисер родум од Скопје Карпо Година, а почесното признание за вонсериски достигнувања во полето на краткиот филм го прими германскиот синеаст и прв човек на Оберхаузенскиот фестивал Ларс Хенрик Гас. Фестивалот го отвори и наградите ги врачи градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев.
-Искрено се надевам дека во наредните пет дена, од овој специјалитет наречен Астерфест, со задоволство ќе се насладуваат и најпребирливите љубители на духовната храна. Уверен сум дека на тој начин сите ќе бидеме сведоци дека Астерфест успешно го искачува и деветтото скалило во намерата да го достигне струмичкото ѕвездено небо од каде што се отвара видикот кон сите филмски соѕвездија од магичниот универзум. Ако и овој пат сме сведетели на евидентниот прогрес и растеж на ова наше културно чедо, тогаш неминовно ќе биде да заклучиме дека Астерфест е успешна приказна, вредна за почит. Астерфест на најдобар можен начин докажува дека и малите фестивали можат да бидат големи по својата мисија, дека и нискобуџетните фестивали можат да имаат високи стремежи и високи дострели, рече градоначалникот Заев во своето обраќање.
Веднаш потоа беа прикажани словачкиот анимиран филм „Ничија земја“ во режија на Мартина Фрајштакова, белгиско-францускиот краток игран „Умирање на сенката“ на Том Ван Авермает и германскиот документарец „Утре ќе живееме пак“ на Корина Гизен. Во рамките на првата фестивалска вечер филмската публика имаше можност да да присуствува на проекцијата на филмскиот блок Мувиленд составен од осум современи кратки филмови од Словачка: „Упатство за употреба“ на Јана Минарикова, „Пат“ на Максим Мелник, „Ѕвона“ на Алица Гуринова, „Франкенханд“ на Андреј Грегорчок, „Љубов на прв поглед “ на Вероника Коцуркова, „Под маска“ на Ерик Ержин, „Тишина“ на Славомир Зребни и „Близнаци“ на Петер Будински. За време на петте фесивалски дена ќе бидат прикажани над 50 филмови од автори од околу 30 држави од целиот свет. Фестивалот завршува на 5 јуни кога согласно одлуката на меѓународното жири во состав Јулија Канчева - режисер и професор од Бугарија, Лефтерос Филактос - режисер и продуцент од Грција и Томислав Алексов - режисер од Македонија ќе бидат доделени главните фестивалски награди, односно златна сребрена и бронзена потковица.
Филмската манифестација „Астерфест“ се под покровителство на градоначалникот на општина Струмица Зоран Заев и Министерството за култура.