Никола Маџиров ќе модерира пет вечери на еден од најзначајните европски поетски фестивали „Поесиефестивал Берлин“ чие отворање е закажано за 7 јуни. Тој е иницијатор на поетскиот проект ДОМ-ИЗЛЕЗ/ДОМ кој ќе биде составен дел од берлинскиот фестивал и кој се состои од разговори и читања со десет меѓународно признати поети на тема „домот на поетот меѓу напуштањето, враќањето и сеќавањата“. Првата вечер од овој поетски серијал почнува на 8 јуни, а гости на Никола Маџиров ќе бидат двајцата неколкукратни кандидати за Нобеловата награда за литература, Брејтен Брејтенбах од Јужноафриканската Република и Адам Загајевски од Полска. Меѓу останатите гости на Маџиров се и струшкиот венцоносец Томаж Шаламун, како и поети од Египет, Јамајка, Германија, Белорусија, САД... Фестивалот се затвора на 14 јуни.