Спасовден-заштитникот на Гевгелија ќе биде одбележан со богата програма наменета за сите вкусови, од традиционалната фолклорна вечер "Распеана чаршија", па, се до гостувањето на Македонската филхармонија.Прославата започнува во понеделник, на 1о јуни, со изложбата "Импресии" на познатиот гевгелиски сликар Борис Петров, а веднаш потоа во Народниот театар солистички концерт ќе одржи хорот "Гортинија". Значајно е што концертот се доржува веднаш по враќањето на "Гортинија" од меѓународниот хорски натпревар во Линц, со освоеното второ место.
На 11 јуни во Народниот театар во Гевгелија гостува скопскиот театар "Пампур" со претставата "Посета на младата дама". На 12 јуни 2013 година, во пресрет на Спасовден, прославата започнува со отворањето на меѓународниот саем на храна и вино, на кој гевгелиски и грчки производители ќе ги промовираат своите производи.
На отворената сцена во центарот на градот потоа ќе гостува Баскер фест, а ќе се одржи и "Распеана чаршија" со настапите на Распеани Охриѓани, Распеани Кочанчани, Распеани гевгеличани и Распеани пензионери од Гевгелија. На сцената веднаш потоа ќе настапат фолклорните ансамбли "Неретва" од Јабланица, "Бојмија" и "Јосиф Јосифовски" од Гевгелија, како и гевгелискиот ансамбл "Роми икс".
Инаку, во рамките на одбележувањето на Спасовден, во петок, на 14 јуни во Народниот театар во Гевгелија ќе гостува Македонската филхармонија со диригентот Борјан Цанев и солистката Гонца Богоромова. На програмата ќе бидат изведени дела од Томе Манчев, Зографски, Росини, Хендал и Моцарт.