Како и секоја година, така и оваа, во чест на големиот верски празник, Свети Пантелејмон, во преубавото село Хума, вгнездено во пазувите на Кожув планина, на 850 метри надморска височина, беше организиран традиционалниот Уменски панаѓур. Организатори на оваа прослава, посветена на светецот Пантелејмон, меѓу верниците познат како народен лекар, се Месната заедница на Ума и Општина Гевгелија. Во саботата навечер, и покрај невообичаеното студено време, големиот број на посетители од Гевгелија, околните места како и од прекуграничните места од соседна Грција, уживаа во богатата културно-уметничка програма на КУД Бранд Петрушев од Богданци и Стојаково, кои потсетија на богатиот фолклорен мелос од ова влашко село, како и на песните на групата Алегро од Струмица. Прославата беше проследена и од градоначалникот на општина Гевгелија Иван Франгов со советниците од Советот на општината, а пред почетокот на прославата беше прочитана и поздравната телеграма од Претседателот на Република Македонија Горги Иванов.
Во неделата, точно напладне, во дворот на прекрсната и живописна црква, Свети Пантелејмон, беше поделен традиционалниот Уменски курбан, организиран од Црковниот одбор.