За поезијата на Никола Маџиров се пишуваат светли критики во шпанските и латино-американските списанија и весници. Најтиражниот шпански дневен весник „Ел Паис“ кој се објавува во стотици илјади копии, со редакции во Мадрид, Барселона и Латинска Америка, објави одлична критика за поезијата на Никола Маџиров со наслов „Еден европски глас“. „Ел Паис“ ја споредува поезијата на Маџиров според естетските квалитети со онаа на светските поетски имиња како Јехуда Амихаи, Мирослав Холуб, Васко Попа, Адам Загајевски или Марин Сореску. „Маџиров ја има истата способност за обновување на метафорите како кај големите поети од минатото“, пишува „Ел Паис“ и завршува: „Книгата на шпански јазик „Изреченото нè прогонува“, веќе придонесува Маџиров да биде неодминлива референтна точка во новата европска поезија. Неговите стихови, и длабоки и светли, и мевлем и болка, навлегуваат во најбогатата традиција на европската поезија а, сепак, се толку лични.
Поезијата на Маџиров расте со секое читање. А со неа, и ние.“ Позитивни критики за поезијата на Маџиров објавија и весниците во Андалузија, под наслов „Никола Маџиров или тишина“, а најтиражниот баскиски весник „Бериа“ го најави Маџиров како еден од најзначајните нови светски поетски гласови со исцрпно интервју на баскиски јазик. Шпанското списание за уметност и култура „Артес Ој“ напиша: „Поетската книга на Маџиров е воодушевувачка, моќна и поттикнувачка.“, а критичарот Валентин Алонсо, споредувајќи ја поезијата на Маџиров со онаа на нобеловецот Милош и на Збигњев Херберт, пишува: „Брилијантноста на стиховите е тука. Поезијата на Маџиров е како чист глас и светлина, која креира слики што нè погодуваат како молњи.“ Книгата на Маџиров „Изреченото нè прогонува“, во шпански превод на Јоланда Кастањо и Марија Петровска, ја објави една од најзначајните шпански издавачки куќи „Пре-Текстос“ во едиција заедно со книгите на Рилке, Бодлер, Песоа, Пушкин, Шекспир, Ник Кејв, Маларме, Блејк, Витман... Поезијата на Никола Маџиров е преведена на четириесет јазици и ја има добиено европската поетска награда „Хуберт Бурда“ за автори од Централна и Источна Европа, наградата за современа светска поезија „ДЈС“ во Кина, европската книжевна стипендија „Маргарит Јурсенар“ и други меѓународни признанија и стипендии.