„Од ова место сакам да го изразам моето големо задоволство што денеска на овој голем празник играорци од повеќе културно уметнички друштва преку своите настапи ќе го потврдат музичкиот идентитет на нацијата и на државата испреплетен преку повеќе традиционални ора. Македонски ора на кои нашите предци биле горди а верувам дека и ние и генерациите по нас ќе ги негуваат овие уметнички форми на богатото македонско фолклорно наследство“ – со овие зборови градоначалникот на општина Василео, Ванчо Стојанов, вчера, им се обрати на присутните и го отвори четвртиот по ред Фолклорен фестивал за народни игри „Св.Петка“, што се одржува во дворот на манастирскиот комплекс над селото Ангелци.
Покрај домашните, на фестивалот со своја изведба се претстави и едно Културно уметничко друштво од соседна Бугарија, кое беше во придружба на Ивајло Иванов, градоначалник на кметство Исток, град Перник. Заблагодарувајќи се на поканата, бугарскиот градоначалник на своите пријатели им порача да се гордеат со тоа што се и да ја зачуваат традицијата. Во занак на пријателство и соработка двајцата градоначалници разменија подароци.
Организатор на фестивалот, Никола Велков на сите учесници им подари благодарници за учество, како и посебна благодарница за општина Василево која и оваа година материјално го помогна одржувањето на фестивалот.