Во рамките на научно културната средба "Десет дена Крушевска република", вчера, на 8 август пред крушевчани со своја програма се претстави општина Гевгелија. Имено домаќините на средбата одлучија еден ден од оваа манифестација да го посветат на војводата Леонид Јанков и на културно уметничката програма што ја подготви општина Гевгелија. Сакајќи што подостојно да го одбележи ликот и делото на Леонид Јанков, еден од најомилените и најпочитувани народни борци од гевгелиско, општина Гевгелија подготви програма која направи спој на традиционалното и современото. Имено, во првиот дел, културно уметничкото друштво "Танец" од Миравци, покрај песната "Трба трби гевгелиско", неофицијалната гевгелиска химна, посветена токму на Леонид Јанков, изведе три карактеристични игри од гевгелискиот крај и тоа, играта "Ѓура Мара", инспирирана од вистински настан на третиот ден од Велигден, Русалиската игра која се изведувала за општо добро на населението со која се прогонувале лошите "самовили", и Свадбарската игра , која најсликовито ги покажува свадбарските обичаи од гевгелискиот крај . Во вториот ден насловен како "Етно Седенка", млади музичари од Гевгелија дадоа прекрасно свое видување на неколку староградски песни од Гевгелија, исполнети на современ начин.