Струмичани и вечерва потврдија дека умеат да се забавуваат и да уживаат во богатата понуда на второто издание на Струмица опен фест. Го наполнија градското корзо и познатата леблебиџиска улица за да се дружат со келнерите и бармените кои си ги одмеруваа вештините и брзината. Четириесетина келнери и келнерки учествуваа во трката во која се натпреваруваа кој побрзо ќе стаса до целта.
Меѓу девојките најбрза беше Катерина Карамитрова од Гевгелија, чекот од 15 илјади денари од општината и го врачи градоначалникот Зоран Заев. Меѓу момчињата најбрз беше Кире Димитриев кој доби чек со истата сума од Скопска пиварница.
И додека келнерите се тркаа, а бармените подготвуваа коктели, љубителите на фолклорот во амфитеатарот уживаа во концертот на ансамблот „Тримери“ од Струмица.
Струмица опен фест продолжува денеска, а на програмата се поезија, театарска претстава и ликовна колонија.