AMD Strela

 

Интервју: Никола Ѓоргиев, струмичка гордост и македонски одбојкарски репрезентативец – „Репрезентацијата ќе го подобри квалитетот на македонската одбојка“

Интервју: Никола Ѓоргиев, струмичка гордост и македонски одбојкарски репрезентативец – „Репрезентацијата ќе го подобри квалитетот на македонската одбојка“
Објавено на: 26 Aug 2013

Никола Ѓоргиев, македонскиот одбојкарски репрезентативец веќе четврта година е член на турскиот Мили Пјанго од Анкара, Турција. Трета година по ред е најдобар поентер во турското првенство, а негови најголеми желби се да освои медал со својот клуб, додека на репрезентативен план, заедно со своите соиграчи, да се пласираат на Светско или Европско првенство. 

Југоинфо: Дали си задоволен од минатогодишната сезона ? Се остварија ли твоите амбиции и очекувања?  

 - Искрено, презадоволен сум минатогодишната сезона, тоа беше една од најуспешните сезони во мојата досегашна кариера. Успеавме да го одбраниме четвртото место во турското првенство, каде за 3 поени не завршивме на третот место и оваа сезона да играме во Лигата на шампиони, додека во купот на ЦЕВ во првото учество на овој клуб во неговата историја успеавме да завршиме на феноменалното трето место. Индивидуално завршив како прв поентер во турската лига (веќе трета година по ред) и како втор поентер во Купот на ЦЕВ. Тоа на што сум посебно горд беше македонската репрезентација, каде со феноменалните победи над Албанија, Црна Гора и Украина успеавме да се пласираме на главниот турнир квалификации за Светското првенство во Полска 2014 година.     

1

Југоинфо: Бидејќи беше еден од клучните играчи на Раднички Крагујевац додека настапуваше во српското првенство, но исто така беше дел и од италијанското првенство, може ли да направиш една споредба меѓу квалитетот на српската , италијанската и турската одбојка ?

 - Па српското првенство за мене е најдобро место за еден млад играч. Јас ја имав таа среќа да бидал дел од тој шампионат од мојата 17 до 20-та година, каде успеавме да ја освоиме титулата шампион на Србија и Купот на Србија. Српското првенство служи како отскочна даска за еден млад играч. Познато е во Европа и преку него може полесно да се стигне до поквалитетните и поплатените шампионати. Што се однесува до италијанското првенство, тоа е првенство на „животни“. Кога јас потпишав во Италија, тогаш таа беше убедливо најдобрата лига во светот и со самото тоа ми се оствари најголемиот сон и желба во животот, еден ден да заиграм во Италија. Она што е различно таму е дека се работи за суров професионализам, нема многу милост или си добар и остануваш или ќе треба среќата да си ја побараш на друго место. Тогаш за жал не добив многу шанса за игра и по една сезона помината таму, бев решен дека мора да најдам тим каде што ќе играм и ќе можам да ги покажам своите квалитети. Тогаш се појави Мили Пјанго од Анкара каде успешно ја поминав пробата, потпишав и еве веќе четврта сезона по ред како сум дел од овој тим. Турската одбојка е во огромен подем последните години, но една работа за која ми е многу жал е тоа што во Турција нажалост одбојката не е многу популарна и нема многу гледачи на натпреварите.

2

Југоинфо: На кое ниво е  македонското одбојкарско првенство ?

 - За жал македонското одбојкарско првенство е на доста ниско ниво и секоја година ситуацијата е се полоша и полоша. Јас искрено се надевам дека доаѓаат подобри времиња за одбојката во Македонија, почнувајќи од јануари 2014 кога ги играме квалификациите за Светското првенство.

5

Југоинфо: Што според тебе е клучно за да може работите да се движат во нагорна линија што се однесува до македонската одбојка ?

 - Според мене клучно за развивање на македонската одбојка е еден добар успех на македонската репрезентацијата, пласирање на Европско или Светско првенство со кое би се свртило вниманието на младите кон овој спорт и тогаш многу повеќе млади би се интересирале за овој спорт и би сакале да тренираат. Значи на нас репрезентативците е да направиме добар успех и после да оставиме нашата федерација со добар план и програма да успее да привлече младите да тренираат одбојка и од тие млади да произлезат нови Никола, Владо, Ѓорги, Ристо, Јовица...

3

Југоинфо: Кои се твоите планови и размислување во иднина на клупски и на репрезентативен план? Дали повторно Никола Ѓоргиев останува во турскиот шампионат ?

 - Да. Еве десет дена сум веќе во Анкара, Турција и оваа година останувам во турскиот шампионат, како и изминатите 3 години. Среќен сум овде и мислам дека во наредните години би сакал да останам во турскиот шампионат. Едно нешто кога би менувал во овој момент би било само ако отидам во Русија или Полска, меѓутоа секогаш приоритет ќе ми биде Турција, каде што сум одлично прифатен, блиску ми е до дома и се пронајдов себеси овде. Што се однесува на репрезентативен план немам многу размислувања, туку само што побрзо да помине времето до декември, сите репрезентативци да имаме добри полусезони, да бидеме здрави и живи и во декември сите заедно да се собереме и со добри подготовки од 3 до 5 јануари 2014 година, да пробаме да го оствариме сонот на многу генерации пред нас и да се пласираме на Светското првенство 2014 во Полска.

4

Југоинфо: Заедно со брат ти, ја продолжувате одбојкарската лоза,која што ја почна татко ти. Колку тој има удел во вашите успеси и дали го „слушате“?

 - Па татко ми можеби има и најголем удел во тоа што ние станавме, бидејќи јас се сеќавам далечната 2002 година кога јас тренирав во ОК Струмица, период кога клубот имаше проблеми со функционирањето, тој стана претседател и заедно со што некои други луѓе кои искрено ја сакаат одбојката ни овозможија клубот да застане на здрави нози и јас заедно со многу други деца да продолжиме да тренираме без проблеми. Еве веќе 11 години како е претседател и клубот можеби не е Реал Мадрид, но функционира на едно константно ниво и секоја година е во врвот на македонската одбојка на што сум посебно горд. Додека пак за нашите натпревари, веќе со години заедно со мајка ми немаат испуштено ниту еден натпревар, дали во живо, дали на интернет и после секој натпревар, уште не сум влегол во соблекувалната, веќе следува нивен телефонски повик. Нивната поддршка ни е од огромно значење и ни ја дава потребната самодоверба да продолжиме кон остварување на нашите цели.

5

Југоинфо: И за крај, која е твојата најголема желба, како на клупски, така и на репрезентативен план ?

 - Оваа сезона на клупски план желба ми е да освојам медал, додека на репрезентативенплан да се пласираме на Светско или Европско првенство (А може и двете, не се лутам ).

6

6

8

0


Media Flesh

 

ВИДЕО

FACEBOOK