На 07-ми септември (сабота) од 12:00 до 14:00 часот на градскиот плоштад во Струмица, 20 дечиња со посебни потреби ќе имаат можност да ја покажат својата креативност преку сликање на цртежи на тема „Во мојот свет“. Дечињата ќе бидат помогнати од страна на група на волонтери, членови на Младински совет, здруженито „НОВУС“, SWT Алумни Македонија и Младинскиот Совет при Американската амбасада во Македонија, а како помагач се јавува општина Струмица.
Целта на акцијата е да се одбележи 9/11 Day of Service and Remembrance, денот на кој американскиот претседател Барак Обама ги повика младите од целиот свет да им помогнат на сите оние на кои што помошта им е неопходна во било каква форма.
За време на настанот случајните минувачи ќе имаат можност да донираат средства со кои здружението „Порака“, партнер организација на овој проект, ќе може да обезбеди технички помагала за дневниот центар во Струмица. Делата кои ќе бидат насликани за време на акцијата ќе им бидат понудени на македонските компании кои ќе сакаат да ја помогнат оваа иницијатива.
Паралелно со овој настан ќе се организираат уште две активности. Првата во Берово со децата од Малиот групен дом и втората во Кавадарци со локалниот Мал групен дом.