Актерот Нико Горшич од Словенија е добитник на наградата за високо актерско остварување на дваесет и првото издание на Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“ што се одржа во Струмица од 8 до 13 овој месец.Одлуката ја донесе петчленото фестивалско жири, а ја соопшти членот Никола Вандев од Бугарија.
-Наградата „Ристо Шишков“ за високо актерско достигнување на фестивалското издание во 2013 година му се доделува на актерот Нико Горшич за улогата во претставата „Столови“ од Ежен Јонеско во продукција на Мини театарот од Љубљана, Словенија, рече Вандев.
Горшич е прв актер од странство кој ја доби наградата во досегашното постоење на фестивалот. Тој не присуствуваше на доделувањето на наградата, која се состои од златен медалјон со ликот на Шишков и паричната награда во износ од 1500 евра. Според жирито на тркалезната маса најдобри претстави на годинашново издание на фестивалот се претставите „Грав“ од Елин Рахнев, во режија на Љупчо Ѓоргиевски, а во изведба на Драмскиот куклен театар од Враца, Бугарија и „Столови“ во изведба на Мал драмски театар од Битола. Покрај овие беа доделени и други награди од страна на жирото Новата европска театарска акција.
Годинешново издание на Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“ беше затворено со претставата „Архелаос или Еврипид се враќа дома“ од Јордан Плевнеш во изведба на Драмскиот театар од Скопје.