Југоинфо: Колку сте задоволни од ланскиот успех?
- Ланскиот успех што го оствари екипата на РК „Зоми Мак М“ е најголем во историјата на струмичкиот ракомет. Како раководство сме презадоволни од она што го постигнавме.Успехот за нас претставува обврска оваа година да оствариме уште подобри резултати, како на домашен, така и на меѓународен план.
Југоинфо: Како поминаа досегашните подготовки ? Дали Зомимак влегува подготвено и спремно за годинешните предизвици ?
- Па, може да се каже дека имавме квалитетни подготовки, каде што сите играчи максимално професионално одговорија на задачите. Целата екипа во моментов е добро физички подготвена, но остануваат да се доработат уште неколку финеси од техничко-тактички карактер и токму овие два натпревари, но и оние натпревари што ќе следат од домашната ВИП лига ќе ни служат за воигрување и остварување на замисленото пред натпреварот со Макаби во ЕХФ купот на 12 октомври во Израел.
Југоинфо: Кои се новите засилувања за оваа сезона ?
- Нови засилувања за оваа сезона се македонскиот ракометен интернационалец Раде Стојановиќ, Јовица Младеновски кој дојде од Тинекс Пролет, Александар Ангеловски од битолски Пелистер, репрезентативецот Милорад Кукоски и Мите Караиванов, кој дојде од Диомидис, Грција. Сите нови засилувања, заедно со минатогодишниот костур на тимот ми даваат мене за право како тренер да очекуваме да оствариме што е можно подобри резултати , како на домашен, така и на меѓународен план. Што се однесува до младите играчи на нашиот тим, може да кажам дека се апсолутно мотивирани и желни за докажување и јас како тренер секогаш сум спремен да им дадам шанса, но останува на нив дали ќе ја искористат.
Југоинфо: Може ли Зомимак М да парира на гигантите Вардар и Металург ? Дали Зомимак М покрај овие екипи, има сериозен конкурент во другите тимови како Пелистер, Тинекс...
- Со овој фонд на играчи, секако дека можеме да парираме на Металург и Вардар и да бидеме нивни конкуренти оваа година. Што се однесува до другите клубови, нормално сите тие имаат свои квалитети, а покрај Вардар и Металург, како сериозен наш конкурент би ја издвоил екипата на Пелистер. Но, мислам дека главната борба и како најсериозни противници оваа година ќе ја водиме со Вардар и Металург.
Југоинфо: Дали функционира младинската школа на Зомимак ? Колку дечиња тренираат ? Дали на нив се гради базата за идните предизвици ?
- Може слободно да кажам дека веќе моментално тренираат над 150 млади дечиња кои што се поделени во повеќе категории и интересот од ден на ден е се поголем. Најголем бенефит за нив е тоа што во првата екипа играат проверени играчи и од нив може многу да научат и самите тие играчи да им служат како репер. Колку што дозволува времето и нашиот играчки состав активно ќе се вклучува во тренинзите со младите категории. Од она што досега јас го имам видено, има навистина квалитетни млади деца кои што со напорна работа и со искористување на нивниот потенцијал, може да прераснат во врвни играчи и лидери на тимот во иднина. Токму и самата школа е насочена во тој правец, на долгорочен план да се произведуваат млади играчи кои што ќе се афирмираат и еден ден ќе бидат носители на играта на нашиот клуб.
Југоинфо: Дали очекувањата за оваа сезона се исти како ланската или се кренати на едно ниво понагоре ? Koи се амбициите на национален и на меѓународен план ?
- Се разбира дека амбициите се кренати едно скалило понагоре. Оваа година атакуваме на едно од првите 3 места во домашното првенство, а што се однесува на меѓународен план, ќе се потрудиме да стигнеме што подалеку, но најпрвин да го победиме израелскиот Макаби, па се надеваме дека со поволна ждрепка би ги оствариле зацртаните цели и би ја израдувале струмичката публика.