Градскиот плоштад беше претесен синоќа да ги собере сите кои сакаа да бидат дел од забавата што ја приредија организаторите на „Струмица Опен фестивал“ на петтата фестивалска вечер. Атмосферата ја подгреаа Нокаут, Петар Ренџов и Тумбао Салса и Ристе Тевдоски, а кулминираше на полноќ кога на бината се искачи фолк ѕвездата Харис Џиновиќ.Уште по првите песни, стари хитови кои се пеат и денеска, публиката му стана сојузник и без престан пееше со него цели два часа. Харис одлично си ја заврши својата работа, а дека беше така потврдија и посетителите кои не само што пееја, туку и постајно играа и лудо се забавуваа. Неговите песни на едно место ги собра сите генерации кои до доцна во ноќта уживаа во журката на отворено. Вечерва се очекува кулминацијата на „Струмица Опен фестивал“. Домаќините, но и големиот број гости од цела Македонија и од соседните земји Бугарија и Грција, со нетрпение го очекуваат настапот на балканската фолк ѕвезда, Цеца Ражнатовиќ. Таа ќе го затвори музичкиот дел на фестивалот, а пред неа посетителите ќе ги забавуваат ITCH од Србија, домашните ѕвезди Влатко Лозановски, Миле Кузмановски и оркестарот Агушеви. Со досегашните пет фестивалски вечери, Струмица докажа дека е вистински мајстор во организирање на големи забави на отворено.