Никола Маџиров е добитник на австриска литерарна стипендија која вклучува и книжевен престој во текот на овој месец како автор-гостин во Куќата за писатели во Грац, во Австрија. Во текот на престојот, Маџиров ќе учествува на меѓународното читање наречено „Мал туѓинец“ заедно со поети и прозни автори од Конго, Турција и Србија. Неговите песни ќе се читаат на македонски и во превод на германски јазик. Ова читање е во рамките на еден од најзначајните австриски музичко-поетски настани, меѓународниот фестивал за современи музички стилови и култура „Муртон“, на кој годинава настапуваат и норвешкиот пијанист Буге Веселтофт познат по соработките со Јан Гарбарек, Џон Скофилд, Били Кобам и други светски џез имиња, францускиот трубач од швајцарско потекло Ерик Трифо и др.