Во Радовиш ,,Караманови средби 2013,,- наградата за Марина Мијаковска
Објавено на: 13 Nov 2013
Од 15-17 ноември во Радовиш ќе се одржи 40-то јубилејно издание на традиционалните „Караманови средби“. Отворањето на манифестацијата е 15 ноември во 18:30 часот во Центарот за култура „Ацо Kараманов“ со изложба на фотографии од Хрватот Мио Весовиќ, музички настап на Мерсиха Шукри на харфа и стихови од Караманов во изведба на актерот Страшко Милошевски. Во свечениот дел ќе се обратат членови на ДПМ, МАНУ, како и на Советот на „Карамановите средби“.
По прогласувањето на Средбите за отворени следува поетски мозаик со сите 40 учесници, како и претставување на поетите гости од БиХ, Хрватска, Србија, Словенија и Србија. На крајот од отворањето на младата поетеса марина Мијаковска ќе и биде доделена традиционалната награда „Караманов 2013“. Организаторите велат дека за наградата „Караманов“ конкурирале 25 поетски ракописи од цела Макеоднија. Во најтесен избор влегоа ракописите на: Марина Мијаковска, Снежана Стојчевска, Митко Гогов и Жарко Кујундјиски. Како најдобар поетски ракопис, жири комисијата ја избра поетската книга”Психоаналитичка алхемија од страсти” бидејќи: „Книгата на Мијаковска се одликува со една исклучително оригинална концептуална структура со особена мета текстура на естетските и семантичките мотиви низ кои доминира патувањето, коешто низ стоховите на Мијаковска се доживува како едно посебно откривање во јазикот“ – се вели во одлуката на жирито.
На 16 и 17 ноември според програмата на „Карамановите средби“ предвидени се портрети на поетот Ристо Лазаров за кого ќе говори Веле Смилевски, како и на писателот Блаже Миневски за кого ќе говорат Ефтим Клетников и Раде Силјан. Трибината „Сликање на пишанто и читање на сликаното“ ќе ја водат Христо Петрески и Трајче Кацаров, а трибината „Безвременото во креативниот чин“ ќе ја водат младите поетеси Марта Маркоска и Славица Гаџова.