AMD Strela

 

Интервју: Митко Тошев, ликовен уметник - УМЕТНОСТА Е ЕДНА ГОЛЕМА ЉУБОВ, А ЉУБОВТА МОЖЕ СЕ!

Интервју: Митко Тошев, ликовен уметник - УМЕТНОСТА Е ЕДНА ГОЛЕМА ЉУБОВ, А ЉУБОВТА МОЖЕ СЕ!
Објавено на: 16 Nov 2013

Југоинфо:Митко Тошев „чудо од дете“-така ве нарекуваа кога светот дознаваше за вас?

Според зборовите на моите родители пред да почнам да зборувам сум цртал. Веќе на 11 годишна возраст го свртев вниманието на ликовната јавност, со успешното претставување на самостојни ликовни изложби ја имав мојата прва самостојна изложба и веднаш потоа серија изложби на портрети. Како дете на 11 годишна возраст ја освоив првата награда за цртање во Москва. Во мојот развој како ликовен уметник голема е помошта од еминентниот ликовен педагог и професор Петар Мазев, кој оценувајќи дека имам огромен потенцијал ме однесе на Бриони, кај Јосип Броз –Тито , каде  на маршалот му изработив портрет во живо.Се сеќавам тогаш весниците беа преплавени со натписи- Струмички Пикасо.

1

Југоинфо:Како чудото од дете денес успева да се носи со предизвиците на возрасните и на новиот свет?

За обичните можеби предизвик или нешто друго ! Но, за мене како ликовен уметник творечкиот процес во суштина не се разликува од првиот ден кога ја земав четката во рака. Креативноста нема граници секогаш пронаоѓате нешто ново во уметничкото дело и тоа ве прави пољубопитен и помотивиран за пронаоѓање нови изрази во нови медиуми.
Едноставно, големото мое уметничко искуство со самото тоа што творам во сите медиуми-платно, дрво, мермер, стакло, порцелан, керамика и други, но сепак се издвојувам со моето знаење и талент во изработката на портрет како најтешка дисциплина во ликовното творештво и тоа на тема портрети во бронзен, сребрен и златен медал, како и во изработка на монументални портрети во бронза.Автор сум на бронзена статуа со ликот на трагично загинатиот македонски пејач и една од најголемите ѕвезди на балканската музичка сцена Тоше Проески која им ја подарив на родителите наТоше. Добитник сум на повеќе награди меѓу кои и наградата за хуманист статуетка на Мајка Тереза. Денес сум професор по ликовно воспитување во струмичката гимназија "Јане Сандански". Автор сум на портретот во живо на поранешниот Претседател на САД, Бил Клинтон. Овој портрет денес се наоѓа во Американската амбасада во Скопје - 1999 година. Во 2003 година изработив портрет во позлатена бронза на поранешниот претседател на НАТО, сер Џорџ Робертсон. Портретот се наоѓа во канцеларијата во седиштето на НАТО во Брисел. Aвтор  сум и на портретот на Мајка Тереза  изработен во техника релјеф во позлатена бронза, подарено од поранешниот Претседател на Р. Македонија Борис Трајковски на неговата светост папата Јован Павле Втори. Ова дело денес се наоѓа во собата на папата во Ватикан  во Рим. Автор сум и на портретот на златен медал на поранешниот Претседател на САД, Џорџ Буш кој се наоѓа во Белата Куќа –Вашингтон, САД. Автор сум и на портретот во позлатена бронза на Папата Бенедикт 16-ти.  Автор сум и на портретот на бронзената статуа на Тоше Проески во 2007 година. Автор сум и на портрет скулптурата  на поранешниот Претседател на Р. Македонија Борис Трајковски, која се наоѓа во спомен собата на Мајка Тереза во Скопје.
После овие дела и еден огромен број уметнички дела кои немам време и простор да ги споменам во овој мој осврт, може да кажам дека чудото од дете добро се носи со предизвиците.

2

Југоинфо:Портретот е ваша омилена дисциплина. Ги имате многу. Кој ви е најдраг и кој најтешко го извајавте?

Сите уметнички дела односно портрети, без разлика на материјалот во кој се работени и димензиите кои ги имаат, мене ми се подеднакво драги.Творечкиот процес е процес на релаксација и медитација, тоа е момент во кој потполно се обновувате духовно, додека творите нема минато нема иднина, постои само сегашниот момент. Вие сте потполно присутни во тој момент. Тоа е тешко да се објасни. Треба да го доживеете заедно со стварањето на делото. Овде зборот тешко неможе да постои.Постојат само чувства, емоции и доживувања. Колку внесуваме  во делото се посилни толку можеме да очекуваме поголемо уметничко дело. Инаку, најтешко ми беше да ја изработам скулптурата на Тоше Проески, бидејќи неа ја работев неколку месеци, и после успешно завршената работа ми беше планирано на 25-ти јануари, на роденденот на Тоше да ја подарам на неговите родители. Скулптурата изгледаше прекрасно. Ја подготвив во калуп од гума и од гумата требаше да се прелие во бронза. Јас го оставив калупот од гума да се суши до печката. Тогаш ми заѕвони телефонот и додека зборував на телефонот тогаш ми замириса на изгорена гума, калупот од преголема топлина беше уништен, целата неколкумесечна работа падна во вода. Сега пред мене беа десетина дена пред роденденот на Тоше.Тогаш одлучив да продолжам понатаму, така што за еден ден ја изработив без да застанам. Почнав од 20:00 часот веднаш штом ми изгоре калупот, и работев до другот ден вечер 20:00 часот. Значи за 24 часа скулптурата на Тоше Проески беше повторно готова.

3

Југоинфо:Имате многу изложби зад вас. Кога може да се очекува ново претставување од Тошев?

Изложбата ќе се случи во скоро време, но моментално сум фокусиран на презентации на големи уметнички дела. За мене уметноста е да се фати моментот, а тоа можам да го направам само со јавни настапи и манифестации, и преку уметничкото дело да го кажам тоа што го чувствувам и мислам, бидејќи едно уметничко дело зборува милион пати повеќе одошто кажаниот збор и најдолгата исповет.

4

Југоинфо:И вајате и сликате? Како ги спојувате овие две ликовни дисциплини?

Јас обично вајам, а кога сакам да се одморам сликам. И преку овие два медиума огромната количина на негативна енергија која што е околу нас, јас преку сликарството и вајарството ја насочувам кон позитива.  Често пати нешто кога ќе насликам подоцна и го вајам. Тоа за мене претставува лично докажување пред самиот себе, мерење на снагата  и духовната сила и енергија во креативниот процес.

Југоинфо:Во последно време пред струмичани се претставувате со портрети на наши истакнати сограѓани. Ги насликавте Пандев, Илиевски и Лазаров,  лани Гоце Арнаудов. Кој ќе биде следниот?

Јас како добитник на големи хуманитарни признанија, како од светот и од земјата, добитник на хуманитарната награда Мајка Тереза, отсекогаш ме води идејата дека основен принцип на уметноста е хуманоста, врз тој принцип настанаа делата кои ги споменувате. Моментално се работи на едно големо дело кое е од сличен карактер, дело на кое што ќе може сите вистински Македонци да се радуваат и секој што е Македонец да биде горд дека е тоа.Се работи за дело кое што го држиме во тајност бидејќи ќе претставува едно големо изненадување.

5

6

Југоинфо:Колку како професор во струмичката гимназија успевате да ја доближите ликовната уметност до учениците. Има ли интерес од нивна страна?

Отсекогаш постои погрешно сваќање за уметноста, и омаловажување на уметникот, а тоа  е главна карактеристика на малограѓанството што тешко може да се искорени не само од нашата средина, туку и од балканските простори. Денеска ликовната уметност како предмет е многу малку застапена и не и е дадено некое посебно значење од страна воспитно образовниот процес. За разлика од другите држави во светото каде предметот ,,Уметност“ има примарна улога,  кај  нас во Македонија ликовната уметност е премалку застапена и не и се дава посебно значење, што е голема грешка . За една комплетна целосна здрава личност неопходно е познавањето на уметноста, што претставува на еден начин и една општа култура, затоа и не случајно се прашуваме некогаш зошто немаме општа култура како народ. Сето тоа спаѓа под естетски вредности за кои во друга прилика пошироко би разговарале. Во почетокот учениците не го сфаќат сериозно предметот, но со тек на време  им ја доближувам уметноста и тие имаат друга перцепција кон уметничките вредности. Во денешно време интересот за уметност е многу слаб, луѓето се духовно многу сиромашни, голем дел од времето го поминуваат  на фејсбук. Тоа  не е само наш проблем, тоа е проблем на една голема светска глобализација која се повеќе го отуѓува човекот од самиот себе, од тоа што е. Во оваа прилика сакам на сите читатели да им препорачам да ги одморат очите и да одат во природа, да се посветат малку на самите себе.

8

Југоинфо: На крај, што е уметноста за Митко Тошев? Како ја дефинирате, ако воопшто може да се дефинира?

Уметноста  е човечка активност, производ на таа активност или идеја за истата, поврзана со сетилата, со емоциите и со интуиција.Може да се рече дека уметноста му е својствена на човекот и се издвојува од останатите живи битија. Уметноста е една голема љубов, а Љубовта може се.И на крај, сакам јавно да му се заблагодарам на градоначалникот на општина Струмица, г-дин Зоран Заев,  кој несебично го помага моето ликовно творештво.

0

Media Flesh

 

ВИДЕО

FACEBOOK