Стартуваше 4.издание на мултимедијалниот арт фестивал БОШ со Групна изложба на скулптури и инсталации во гевгелиската Стара Чаршија.
Веднаш потоа Ангел Миов - еден од основачите на Арт-ИНСТИТУТ на Градски пазар ја претстави својата интервенција во урбан простор, а потоа во фоајето на Градски театар беше поставена постановката „Моми“ во која се здружени идеите и енергиите на седум уметници - Ана Ивановска, Зорица Зафировска, Кристина Хаџиева, Маја Кировска, Марија Сотировска, Татјана Ристовска, Христина Зафировска. Следуваат Никола Радуловиќ со своето масло на платно „Confusion is sex“, Марија Милошевска со колекцијата филигран-фотографија „Оророк“ инспирирана од музиката и модели како Дарко Рундек, Која, Рамбо Амадеус и други.
-Отвореноста, достапноста и разноликоста во однос на културата и културната продукција е една од главните, ако не и главна, карактеристика на случувањата на БОШ ФЕСТИВАЛ па така и овојпат се стремиме кон она прогресивното, новото, можеби дискутабилното во одредени случаи, но сепак ние цврсто се држиме до слободата на израз и демократските принципи што се изразуваат преку културата и уметноста“, вели Ѓорѓи Калински од здружението „Арт еквилибриум“ од Гевгелија, кои во соработка со Домот на култура и локалната самоуправа го организираат БОШ ФЕСТИВАЛ.
Инаку, првото издание на ова мултимедијална платформа низ која се слави креативниот израз во урбан контекст се случи во 2009 година во чест и сеќавање на прерано починатиот актер и поет Бошко Бозаџиевски. Фестивалот од година во година оди само во нагорна линија, но Камински дополнува дека нималку не било лесно да се сторат првичните чекори ако се знае дека новитетите тешко се прифаќаат, а тие манифестацијата ја работат волонтерски.