Објектот изграден кој крајот на деветнаесетиот и почетокот на дваесетиот век кој го отсликува архитектонскиот и историскиот развој на Гевгелија повторно го доби стариот сјај. Реконструкцијата на фасадата на објектот кој од пред десет години е прогласен за споменик на културата беше реализирана како дел од програмата на министерството за култура за реставрација на фасади од градската архитектура на околу 250 објекти во 15 градови во државата. Со обновата направена е целосна дренажа на објектот, замента е кровната конструкција, надворешните врати и прозорци и декоративните елементи на фасадата. Обновата чини околу 100 000 евра.
- Задоволство ми е што објектот си го доби вистинскиот архитектонски сјај што го поседува. Оваа година ќе продолжиме и со вториот дел - средување на ентериерот. Тоа е помала интервенција која Министерството за култура заедно со надлежната институција ќе ја заврши оваа година, истакна Канческа-Милевска.
За градоначалникот на општина Гевгелија реализацијата на овој проект е од огромно значење бидејќи станува збор за објект кој претставува еден од најпрепознатливите белези на градот, застапен на сите промотивни материјали.
-Во минататото на скоро сите разгледници за општина Гевгелија имаше слика од библиотеката. Сега имаме уште поубава слика зашто со реновираната фасада е комплетно обновен сјајот на објектот и тој е повторно бисер на Гевгелија, рече Франгов.
Помеѓу богатиот книжевен фонд на библиотеката во Гевгелија се наоѓа и оригиналното издание на книгата ,,Огледало” на просветителот од 19 век Кирил Пејчиновиќ, печатено 1816 година. За истото министерството за култура во програмата за оваа година има планирано средства за негова конзервација.