Никола Маџиров е претставен со обемен избор поезија во највлијателното италијанско поетско списание „Поесиа“, основано во Милано во 1905 година од зачетникот на футуризмот, Филипо Маринети. Во февруарскиот 290-ти број на „Поесиа“ на првите страници од списанието објавени се дваесет песни на Маџиров во превод на италијански јазик со воведен текст за неговата поезија од италијанскиот преведувач Пјеро Салабе, познат и како приредувач на антологии на современата италијанска поезија во странство. Во својот осврт тој пишува за Маџиров како за веќе афирмиран поет и книжевен номад, кој го напушта домот за да изгради нов во поетските сеќавања, нагласувајќи дека денес ретко можат да се прочитаат такви песни – отворени и свесни за традицијата едновремено. Поезијата на Маџиров веќе се пренесува и коментира по италијанските поетски веб-страници и блогови. „Поесиа“ важи за едно од најважните поетски списанија во меѓународни рамки со годишен тираж од над 20.000 копии.