До раните утрински часови траеше забавата под маски во хотелот „Сириус“ со што и официјално започна најголемата карневалска забава во државата. Струмичани и нивните гости блеснаа во раскошот на маските, заборавија на секојдневните грижи и им се препуштија на песната, танцот и шегата.
По тоа што се случуваше на маскенбалот, нема сомнеж дека вечерва по улиците на Струмица ќе се случи уште едно незаборавно карневалско доживување потврдувајќи го изборот меѓу дваесетте најдобри карневали во светот. Како и секогаш, така и на синоќешната забава под маски, со своите сограѓани, но и многубројни гости од државата и странство, беше и градоначалникот на Струмица и претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Зоран Заев со сопругата Зорица, маскирана како гејша.
Под маската на самурај, Заев рече дека е воин кој ја симболизира заштитата на честа во Јапонија и токму со тој воинствен изглед најавува фер, воинствена и политичка битка на македонската политичка сцена во наредните месеци.
Инаку, главното интернационално карневалско дефиле ќе стартува попладне во 17 часот, кога по улиците на Струмица се очекува да продефилираат околу 2.500 маскирани луѓе од земјата и странство.