Приказната за каменот на Огражден за кој се верувало дека има магична моќ повторно оживеа. На иницијатива на жените од општина Босилово голем број граѓани денеска го посетија местото во близина на селото Иловица на кое се наоѓаа каменот ,, Бенли таш,, или таканаречениот ,, Камен на плодноста,, каде го одбележаа верскиот празник посветен на Светите 40 Севастиски маченици.
Легендата вели дека секој оној кој токму на овој празник ќе успее да помине низ тесниот отвор на неколкуметарските камења ќе го следи здравје, среќа и берикет. Меѓу другото во минатото ова место го посетувале и голем број семејства кои немале пород бидејќи се верувало дека токму минувањето низ отворот на камењата ќе им помогне да ја остварат својата желба.
Дел од граѓаните кои решија денот да го поминат на Огражден до местото со ,, магичните камења,, стасаа пешки, а еден дел како во старите времиња дојдоа со пајтони и запрежни коли сакајќи на тој начин да ја поддржат иницијативата за продолжување на традицијата на своите предци за големи собири и дружење по повод големите верски празници.
,, Традицијата и културата што нашите стари ја поседувале ако ние не ја наследиме нема да го зачуваме нашето богатство. Сакаме да го зачуваме тоа, да го продолжиме , нашите деца да знаат што имале, што треба да зачуваат и да го продолжат натаму.,, рече Софче Поповска Георгиева – претседател на советот на општина Босилово
Посетата на каменот,, Бенли Таш,, заврши со традиционалните македонски песни и ора , но и дегустација на стари специјалитети карактеристични за овој крај. Моќта на каменот е само легенда, велат жителите од подогражденските села, но истата може да биде добра основа за манифестација преку која во иднина ќе се промовираат нашата традиција, старите обичаи и недопрената огражденска природа.