Никола Маџиров учествува на Светскиот поетски фестивал во Делхи во Индија, кој се организира во чест на стогодишнината од добивањето на Нобеловата награда за литература на Рабиндранат Тагоре. Никола Маџиров го отвори фестивалот со читање на Денот на поезијата 21 март, заедно со добитникот на наградата „Т.С. Елиот“, британскиот поет Џорџ Сиртеш. Фестивалот е во организација на „Академијата Саитја“ од Делхи, нашироко позната по промоцијата на индиската литература на 24 индиски јазици, како и Министерството за култура на Индија, а на него учествуваат поети од дваесетина земји од сите континенти. Поезијата на Маџиров е претставена и објавена на хинди, македонски и англиски јазик. По престојот во Индија, Никола Маџиров ќе продолжи со настапи во Германија, Италија, Англија, Латвија, Шпанија и други земји.