Двајца поети значајни во светски рамки, добитникот на Пулицеровата награда, американскиот поет Марк Странд и лауреатот на наградата „Т.С. Елиот“, британскиот поет Џорџ Ширтес, јавно се изјаснија за поезијата на Никола Маџиров. Пулицеровецот Марк Странд (1934), кој важи за еден од најзначајните живи американски поети, напиша: „Ја засакав поезијата на Маџиров веднаш – нејзината искреност, инвентивност, темност. Тоа е како откривање нова планета во сончевиот систем на имагинацијата.“ Британскиот поет Џорџ Ширтес (1948), лауреат на наградата „Т.С. Елиот“, во освртот за поезијата на Маџиров, меѓу другото напиша: „Критиките за поезијата на Маџиров укажуваат на споредби со Попа, Милош, Херберт, и подоцна, со Загајевски и Томас Транстромер, што е сфатливо поле на ориентација, но има нешто многу посебно за Маџиров, многу личен вид инвентивност и начин на обраќање, родени не од политичката статичност, туку од промените.“ За поезијата на Никола Маџиров се појавија нови позитивни критики во неколку списанија и магазини во САД и Велика Британија.