По читањата на фестивалот „Муртон“ во Грац во Австрија на Фестивалот на поезија и вино во Птуј во Словенија, Никола Маџиров ќе има целовечерно претставување на својата поезија на 6 септември во Созопол во Бугарија, во рамките на најголемиот бугарски фестивал за уметност и култура „Аполонија“. Неговата поезија ќе се чита на македонски и бугарски јазик, а за неговите стихови ќе зборува една од најзначајните современи бугарски поетеси Силвија Чолева. Книгата на Маџиров „Преместен камен“ се издаде на бугарски јазик минатата година во издание на „Стигмати“, а во превод на бугарскиот истакнат поет и преведувач Роман Кисјов. Книгата доживеа неколку позитивни критики во книжевните списанија и весници во Бугарија. По читањето на фестивалот „Аполонија“, Никола Маџиров во текот на наредниот период продолжува со гостувања во Црна Гора, Германија, Естонија, Турција, Израел, Мексико и други земји.