Богата културна недела ќе се случи во Гевгелија од 16 до 23 јуни. Имено, од 17 до 19 јуни Гевгелија ќе биде домаќин на младите музички надежи од повеќе светски земји.На овој традиционален меѓународен натпревар на млади пијанисти се очекува учество на голем број пијанисти од соседните и други земји. Така, минатата година учествуваа 124 млади пијанисти од Македонија, Бугарија, Србија, Руската федерација, па, дури и од Виетнам.
На 18 јуни фолклорниот ансамбл „Бојмија“ ќе го одржи традиционалниот годишен концерт во народниот театар. Три дена подоцна на истата сцена ќе се случи Мини детски фолклорен фестивал, што го организира ансамблот „Бојмија“, а на кој ќе настапат младите фолклористи на неколку фолклорни ансамбли во општината.
На 20 јуни започнува новиот детски музички фестивал „Распеани дечиња“ што го организира здружението на граѓани „Внимание“, и тоа со концерт за најмладите од 9 до 11.30 часот на 20 јуни и вечерен концерт во Народниот театар на 21 јуни во 19.30 часот.