Краткометражниот игран филм ИГРА И СПАС на режисерот Горан Тренчовски минатиот месец беше прикажан во Италија, а вечерва ќе има проекција на престижниот фестивал Кошице филм фест во Словачка. Лајтмотив во овој филм е подигрувањето, вечната игра помеѓу животот и смртта раскажана низ она што е помеѓу. Улогите ги толкуваат Коста Ангов (Глигор), Мартина Тапарчевска (Марија), Салаетин Билал (Таткото), Дине Дрваров (Соседот) и Зора Ѓоргиева, којашто неодамна почина. Нејзината улога на Мајката во овој филм беше и последната нејзина улога.
Сценарист на „Игра и спас“ е писателот Васе Манчев, директор на фотографија Слаѓан Милошевски, монтажер Аристид Филактов, тон мајстор Виктор Иванов, костимите се на Томе Филев и Ѓорги К’рм’зов, оригиналната музика ја компонираше Драган Даутовски, а продуцент е Дејан Милошевски.Режисерот Тренчовски со истата продукциска куќа „Револушн“ од Скопје следниот период ќе започне подготовки за пред-продукција на долгометражниот игран филм под работен наслов „Златна петорка“.