Промоција на едно интересно џебно издание со наслов ‘Гевгелексиокон’, на авторот Стефчо Стефанов се одржa во Гевгелија, во „Аполонија гарден„ на хотелот Аполонија. Авторот Стефан Стефанов воопшто не се разликува од Вилијам Бекфорд, од Едвард Џејмс или од Марко Цепенков. -Како неуморен собирач на гевгелиската лексика, тој за четири години го состави овој лексикон, кој може да им послужи не само на оние што сакаат да научат нешто повеќе од најсончевото наречје во Македонија, туку и на тие чија грижа е секојдневното збогатување на лексиката на стандардниот македонски јазик и на неговиот фонолошки и морфолошки опис. За секој гевгеличанец, а и за сите што ќе се заинтересираат за ова наречје, овие зборови се полни со значење, со спомени и со по еден сончев зрак што излегува од устата на тие што ги изговараат- напиша во предговорот др. Јован Костов, асистент по информатичка лингвистика од Универзитетот Париз Сорбона.
-„Гевгелексикон“ е сублимиран четиригодишен, благонамерен труд, преточен во лексикон од 1040 зборови кои живееле и се уште живеат, се разменувале и се уште ќе се разменуваат кога уста отвараат најмалку две личности со намера да си кажат нешто, а се од или во Гевгелија. Накратко, кажано на јазик со кој лично најкомфорно се чувствувам, овој лексикон е гевгелиски трик за во џеб, но извлечен не од ракав, туку од запишувачка рака. Ова е гевгелиски идентитет облечен во помодерно, „урбан„, а по народски кажано „чаршиски„ дизајниран костум. Доколку ме наречете автор, ќе ве корегирам се дури не ме наречете собирач, кој во друштво на своите пријатели се дрзнал да се прогласи за своеглав толкувач и да истури се што разбира и не разбира од животните предавања што ги слуша дишејќи го гевгелиското сонце, рече авторот.
На промоцијата, со свој осврт на лексикографското значење на овој лексикон свој осврт имаа и д-р Снежана Веновска-Антевска и д-р Гоце Цветановски од Институтот за македонски јазик “Крсте Мисирков”.