Летната сцена која беше полуотворена и на која се родија дел од најубавите новокомпонирани фолк рефрени ќе биде биде целосно затворена со што Валандово ќе добие компетно поинаква сала и простор кој освен за фестивалот ќе може да се користи и за сите останати културни настани во текот на целата година. Ќе се реконструираат таванот, бината и комплетниот инвентар. Реализацијата на целиот проект чини околу 20 милиони денари од кои најголемиот дел, односно 15 милиони ги обезбедува министерството за култура, а останиот дел локалната самоуправа.
-Ваков тип на реконструкција и ваков тип на летна сцена моментално во Македонија никаде не се гради, зборувам за летна фестивалска сцена бидејќи комплетниот таван кој што е со површина некаде од околу 1500 метри квадратни ќе биде со плексигласни куполи кои ќе бидат комплетно осветлени, планирани се нови седишта како и колпетно реконструирање на сите ѕидови и санитарни јазли. Лично сметам дека оваа сала ќе биде пример благодарение на владата на Република Македонија и министерството за култура како треба да изгледа една фестивалска сцена, вели Николче Чурлиновски, градоначалник на Валандово
Реконструкцијата на салата треба да заврши до септември за кога е закажано одржувањето на триесетото, јубилејно, издание на првиот и најреномиран фестивал на македонската новосоздадена песна „Фолк Фест Валандово“. Токму реконструкцијата на салата е причината поради која фестивалот само оваа година наместо во вообичаениот термин крајот на месец мај ќе се одржи во септември. Фестивалот од оваа година повторно го враќа и стариот концепт со две полуфинални и една финална вечер, а за најдобрите е обезбеден и богат фонд на награди. Авторскиот тим на првонаградената композиција ќе добие 20 000 евра, втората награда е во висина од 15 000 , а третото место 10 000 евра.