Убавата македонска песна и богатиот фолклор ги собра иселениците од општина Босилово на едно место. Босилово важи за општина која има голем број граѓани кои долги години живеат и работат во некоја од европските држави и токму затоа локалната самоуправа пред четири години започна да ја реализира средбата која има за цел да ги собере на едно место иселениците од сите населени места од општината, но и од регионот и на симболичен начин да им покаже дека и покрај тоа што во моментов не живеат тука, општината сепак мисли на нив. Најубавиот начин да се направи тоа е концерт со убавата македонска песна која одсекогаш била алката која ги поврзува сите македонци со родниот крај без разлика каде живеат и работат.
Поради лошите временски услови средбата се одржа во Домот на културата во Босилово. Програмата започна со најмладите членови од КУД „Гоце Делчев“ и сплет од македонски песни и ора, а продолжи Верица Русева и „Пицикато“. Специјален гостин на вечерта беше Блага Петреска,исто така учество зедоа и другите групи играорци од КУД„ Гоце Делчев“. Вечерта ја затворија групата „Мотив Бенд“.