Со настапот на најмладите и талентирани струмичани на отворената сцена на градскиот плоштад „Гоце Делчев“, вечерва и официјално започна третото издание на „Струмица опен фестивал 2014“. Во нивниот настап, заедно со своите сограѓани, уживаше и градоначалникот, Зоран Заев. Тој, упати јавна покана до сите граѓани на Струмица и Македонија, во следните единаесет дена да присуствуваат на десетте отворени сцени на кои ќе бидат изведени вкупно 28 културно – забавни настани.
-Овој наш, струмички фестивал е поразличен од било кој фестивал во Македонија, затоа што во него се вградени сите аспекти на културата и уметноста што ги познава Македонија. Нудиме вечери на поезијата, на театарот на филмот, на афоризмот, промоција на книги, концерт на лица со телесен инвалидитет, ревии на носии и многу други, а секако и отворени музички сцени со настапи на изведувачи од сите музички жанрови од домашната и странската естрада. Новина е што овој пат и во две населени места, во Просениково и Муртино, во недела ќе имаме поп концерти и сето ова заедно ќе го направи овогодишното издание на струмичкиот фестивал посебно.
Настаните ќе се одржуваат овде на градскиот плоштад, во големиот и малиот парк, во амфитеатарот, покрај езерцето и на други локации на територијата на општина Струмица, каде ќе понудиме незаборавни моменти за сите оние кои ќе дојдат да го посетат фестивалот. Годинава очекуваме да надминеме над 200 илјади посетители и сакам однапред да кажам, дека сите безбедносни мерки со сите институции вклучени во организацијата на фестивалот се обезбедени, сигурноста и безбедноста е на највисоко ниво, вклучени се и општински и државни институции и со тоа сакаме на граѓаните да им понудиме вистинско уживање во богатата културна понуда и на момент да заборават на секојдневните грижи и да уживаат во третото издание на Струмица опен фестивал, изјави вечерва градоначалникот Заев.
Во рамките на првата фестивалска вечер, на познатата леблебиџиска улица во тек е забавата со рок бендот The Hounds.