Струмица веќе трет ден живее со богатата понуда на „Струмица опен фестивал 2014“. На отворените сцени на неколку локации во градот пулсираат фестивалските содржини задоволувајќи ги различните вкусови на посетителите. Во малиот градски парк, синоќа почна со работа ликовната колонија како дел од културно – уметничката програма на фестивалот, во амфитеатарот љубителите на филмот уживаа во премиерата на документарецот „Барајќи си ја среќата“, а младите на спортското игралиште во средното општинско училиште „Јане Сандански“ уживаа во фестивалот на електронската музика.
Вечерва, ликовните уметници продолжуваат со своето творештво во малиот градски парк, во амфитеатарот продолжува филмската вечер, а младите ја имаат хип хоп забавата на отворено. Од утре стартуваат и вечерите на поезијата покрај езерцето во големиот парк, а на програмата е и концерт на класична музика во малиот градски парк.
За прв пат годинава, во рамките на фестивалот ќе се одржат поп рок концерти и во Муртино и Просениково. Целта е фестивалските содржини да им се доближат и на жителите од населените места во општина Струмица. На овие концерти ќе настапат групите Пицикато, Дикато и Нексус.