Верица Русева и групата Пицикато снимија химна за македонското добротворно друштво ,, Македонија,, од Ешалон- Швајцарија. Станува збор за проект кој се реализираше на иницијатива на раководството на друштвото, а договорот бил направен за време на последната турнеа на Пицикато во Швајцарија.
Во друштвото ,, Македонија,, повеќе години постоела идеата за химна на истото, но нејзината реализација постојано била одложувана, се до последното гостување на популарната струмичка група кога им било предложено тие да ја направат песната која ќе ја опфати историјата на самото друштво и животот на македонците во Швајцарија. Понудата од страна на сите членови на Пицикато била со задоволство прифатена и за кратко време реализирана целата замислата на домакините. Автор на музиката е нивниот дологодишен соработник и еден од најнаградуваните композитори во последните неколку години во Македонија, Драги Станков, текстот го напиша тапанарот на Пицикато Васил Пандев, а аранжманот е заеднички на групата Пицикато.
Освен химната престојот во Швајцарија е искористен и за снимање на карди за спот кој веќе се монтира, а ќе биде промовиран на следното гостување на Верица и Пицикато во Ешалон кое треба да се случи наскоро. Инаку друштвото ,, Македонија,, од Ешалон е формирано 1989 година и е едно од најстарите и најбројните македонски друштва кои и егзистираат во Швајцарија.